Abdullah Aşıran
08 Декември 2018•Ажурирај: 09 Декември 2018
ХАГ (АА) - Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека ги разбира протестите на незадоволните граѓани, додавајќи дека сите луѓе на некој начин имаат „жолт елек“, алудирајќи на движењето „Жолти елеци“ во Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сите ние на себе имаме жолти елеци, бидејќи сите ние на некој начин чувствуваме одредена загриженост поради случувањата во општеството. Политичарите мораат, доколку тоа е можно, да дадат одговори на некои прашања“, изјави Руте за новинарите во Хаг, напоменувајќи дека и самиот би можел да се замисли во позицијата на „Жолтите елеци“.
„Протестите на „Жолтите елеци“ се јасен израз на загриженост поради климатските промени, приливот на мигранти и економската ситуација на граѓаните со средни примања. Ова се грижи кои сите ги чувствуваат“, изјави холандскиот премиер.
Тој додаде дека сепак ни политичарите некогаш не можат да решат одредени проблеми.
„Ние работиме колку што е во наша моќ, но не оди секогаш сѐ како што треба, бидејќи можностите и буџетот не се неограничени“, изјави Руте.
Тој истакна дека сепак не треба да се предизвикува насилство на протестите, напоменувајќи дека „Жолтите елеци“ во Франција можат да се поделат во две групи.
„Од една страна, постои група која искрено сака да разговара за својата загриженост со француската Влада, а од друга страна постои мала група која ги злоупотребува протестите и предизвикува насилство. Такво нешто е неприфатливо“, изјави Руте.
Тој нагласи дека е потребно да се одржува постојан дијалог со граѓаните, додавајќи дека токму тоа сака да го направи и францускиот претседател Емануел Макрон.
На крајот истакна дека не очекува дека протестите на „Жолтите елеци“ во Холандија ќе бидат насилни како во Франција, напоменувајќи дека антивладините протести во неговата земја досега поминувале мирно.
Потсетуваме, во Холандија минатата недела во неколку града беа одржани антивладини протести на „Жолтите елеци“, по пример на оние од Франција, кои траат во последните три недели.