Hakan Çopur
19 Јуни 2019•Ажурирај: 19 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа во Флорида официјално ја започна кампањата за претседателските избори што ќе се одржат во САД на 3 ноември 2020 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот предизборен собир на трката за нов мандат во Белата куќа Трамп го одржа во Орландо, а покрај него беа првата дама, Меланија Трамп, американскиот потпретседател, Мајк Пенс, и сопругата на Пенс, Карен Пенс.
Трамп најголем дел од говорот го искористи за да го промовира сето она што го сторил во изминатите две и пол години од својот мандат, и ги повика симпатизерите на Републиканската партија и сите Американци повторно да гласаат за него.
„Тука сум официјално да ја започнам предизборната кампања за вториот мандат на функцијата претседател на САД. Ви ветувам дека никогаш нема да ве изневерам“, рече Трамп.
Некои од главните теми на кампањата на Трамп повторно ќе бидат борбата против илегалните миграции, изградбата на ѕидот на границата со Мексико и истрагата за наводната вмешаност на Русија во претходните избори.
Опонентите на Демократската партија ги нарече радикални левичари.
„Секој глас за демократите на наредните избори ќе биде глас за подигнување на радикалниот социјализам и уништување на американскиот сон“, рече Трамп.
Тој ја обвини Демократската партија дека работи на уништување на САД и порача дека тоа нема да го дозволи.
На присутните им се обрати и Сара Сандерс, портпаролката на Белата куќа во заминување, која во емотивниот говор за Трамп и за работата со него и заплака.
Трамп е најголемиот фаворит за претседателски кандидат од редовите на Републиканската партија, а најголеми шанси да му биде опонент од редовите на Демократската партија има поранешниот американски потпретседател Џо Бајден.