Muhammed Bilal Kenasari
10 Ноември 2018•Ажурирај: 11 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (AA) - Откако Белата куќа во средата му ја укина новинарската акредитација на Џим Акоста, репортерот на „Си-ен-ен“ (CNN), по вербалниот судир со претседателот Доналд Трамп во текот на конференцијата за новинари, американскиот лидер даде назнаки дека акредитациите на уште некои новинари, исто така би можеле да бидат укинати, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на посетата на Париз, Трамп во обраќањето на новинарите во Белата куќа рече дека одлуката да му биде одземена акредитацијата на Акоста, не ја донел тој лично.
„Јас не ја донесов одлуката. Но таа може да се примени и на други“, рече Трамп, напоменувајќи дека Белата куќа е многу важна институција.
„Белата куќа е свето место, посебно место. Потребно е да се искаже почитување кон Белата куќа, кон претседателот треба да се има однесување со почитување“, рече Трамп.
Истакна дека Акоста, според гласноговорничката на Белата куќа, Сара Сандрес, се однесувал „без почитување“.
Трамп одби да даде какви било информации за кои новинари, освен за Акоста, би можела да се примени истата одлука.
Комитетот за заштита на новинарите во САД во соопштение повика на Акоста повторно да му биде дозволен влез во Белата куќа.
„На новинарите треба да им биде овозможено без страв да ја извршуваат својата работа. На Акоста мора да му бидат вратени правата на новинарската акредитација. Се надеваме дека Трамп ќе престане да ги навредува новинарите. Овој став е исто така сериозен проблем во поглед на безбедноста на новинарите“, се наведува во соопштението.
Бројни медиумски куќи и познати новинари, исто така упатија реакции во врска со одлуката на Белата куќа во случајот со Акоста, репортерот на „Си-ен-ен“.
„Си-ен-ен“ во соопштение наведе дека стои зад својот новинар.
Белата куќа во средата ја укина новинарската акредитација на Џим Акостa, репортер на „Си-ен-ен“, по вербалниот судир со американскиот претседател Доналд Трамп во текот на прес-конференцијата.
Секретарката за односи со медиумите на Трамп, Сара Хакаби Сандерс, го обвини Акоста дека ги ставил рацете на стажантка од Белата куќа кога се обидела да му го земе микрофонот додека говорел. Акоста и „Си-ен-ен“, пак, тврдат дека тоа не е вистина.
Трамп и новинарот на „Си-ен-ен“ влегоа во вербален дуел кога Акоста постави прашање поврзано за мигрантскиот караван кој се движи кон јужната граница на Соединетите Американски Држави (САД).