Kasım İleri
27 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација ќе престане да го ратификува Договорот за трговија со оружје (ATT) и дека ќе се повлече од него, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп Договорот за трговија со оружје на ОН го нарече „погрешен“ и нагласи дека претставува сериозна закана на американските слободи.
„ОН наскоро ќе добијат и официјално известување дека Америка го отфрла овој договор“, рече Трамп во обраќањето на конвенцијата на Националната асоцијација за оружје (The National Rifle Association - NRA).
„Ќе ја потпишам веднаш, пред многубројни сведоци, одлуката која од Сенатот ќе побара да го прекине процесот на ратификација на Договорот и да ми го врати, сега веќе одбиениот договор, тука во Овалниот кабинет, каде што јас лично ќе се ослободам од него“, изјави Трамп.
Новиот меѓународен договор кој регулира глобална трговија со оружје и муниција, во вредност од 85 милијарди долари, стапи на сила во декември 2014 година.
Активистите низ светот го поздравија ова како голема победа, бидејќи повеќе од една деценија договарање, Договорот за трговија со оружје (ATT) тогаш конечно стана меѓународно обврзувачки закон.
Договорот за трговија со оружје воспоставува највисоки стандарди за прекугранични трансфери на оружје и муниција и прекин на достава на оружје на диктаторите и на оние кои ги кршат човековите права низ светот.
Доколку квалитетно се спроведува, Договорот за трговија со оружје има потенцијал да спаси многу животи и да ја понуди потребната заштита на загрозените цивили низ светот.
До денес 101 држава го рафитикуваа Договорот за трговија со оружје, а 34 го потпишаа, но сѐ уште не го ратификуваа.