Berk Kutay Gökmen
15 Април 2026•Ажурирај: 15 Април 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека нема да има мировен договор доколку Иран продолжи да тежнее кон нуклеарно оружје, но додаде дека војната „може да заврши многу брзо“, пренесува Анадолу.
„Тие не смеат да имаат нуклеарно оружје“, рече Трамп во интервју за „Фокс бизнис“ .
„Ако не се откажат од тоа, нема да склучиме договор.“
„Целата оваа работа всушност се однесува на нуклеарната програма – тие не можат да поседуваат нуклеарно оружје“, изјави Трамп, додавајќи дека Иран е „многу силно погоден“.
„Можеме да ги уништиме сите нивни мостови за еден час. Можеме да ги уништиме сите нивни електрани за еден час. Не сакаме да го правиме тоа“, рече тој, додавајќи: „Ќе видиме што ќе се случи“.
Повторувајќи го своето тврдење дека Иран претставува закана, тој рече дека Техеран имал намера „да го преземе Блискиот Исток, но ние ги запревме“, тврдејќи дека земјата би поседувала нуклеарно оружје и дека „би го употребила“.
Минатиот викенд во пакистанскиот главен град Исламабад се одржаа преговори за трајно завршување на војната на САД и Израел против Иран, што започна на 28 февруари, но не беше постигнат договор. Во тек се напори за одржување на нова рунда преговори.
Пакистан на 8 април посредуваше за двонеделен прекин на огнот кој сè уште е во сила.
Трамп исто така изјави дека „многу добро“ се согласува со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, додавајќи дека Си му рекол оти Пекинг не го снабдува Иран со оружје, демантирајќи ги медиумските извештаи.
„Му напишав писмо барајќи од него да не го прави тоа“, рече Трамп, додавајќи дека Си одговорил „дека во суштина тој не го прави тоа“.
Трамп напомена и дека Кина и САД редовно вршат кибернапади едни против други, објаснувајќи: „Ние ги напаѓаме нив, тие нè напаѓаат нас, тоа трае долго време... Кина е Кина. Со нив никогаш не е лесно“.