Muhammed Yasin Güngör
03 Февруари 2025•Ажурирај: 04 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација размислува за воведување царини за Европската Унија и ги предупреди Канада и Мексико за трговскиот дисбаланс и имиграциските политики, јавува Анадолу.
Говорејќи пред новинарите во базата „Ендрјус“ во Мериленд, Трамп ги критикуваше долгогодишните трговски практики и вети дека ќе преземе акција за заштита на интересите на САД.
Прашан дали размислува да воведе царини за друга земја, Трамп потврди дека тарифите за ЕУ се веројатни, наведувајќи го трговскиот дефицит од над 300 милијарди долари.
„Тоа дефинитивно ќе се случи со Европската Унија“, рече тој. „Тие навистина нè искористија... Не ни ги земаат (купуваат) автомобилите, не ни ги земаат земјоделските производи, не земаат речиси ништо, а ние им земаме (купуваме) сè“.
Тој ги опиша трговските практики на ЕУ како „злосторство“ и навести непосредна акција.
„Не би рекол дека има временска рамка, но тоа ќе биде многу наскоро“, додаде Трамп.
Прашан за одмазднички мерки од Канада, Трамп не ја исклучи можноста за зголемување на царините.
„Па, тоа може да се случи ако направат нешто“, рече американскиот претседател.
Како дел од новите царини објавени во саботата, Трамп рече дека давачките може да се зголемат доколку посочените земји се одмаздат.
Канада најави царини од 25 отсто за американските стоки.
Трамп ја обвини Канада дека ги ограничува американските производи, меѓу кои и земјоделските стоки и енергијата, додека има корист од отворените американски пазари.
„Тоа беше еднонасочна улица“, рече тој. „Ја субвенционираме Канада за околу 200 милијарди долари годишно, и за што? Ние не добиваме ништо од тоа“.
Трамп, исто така, ги откри плановите да разговара со канадскиот премиер Џастин Трудо и мексиканските власти денес.
„Не очекувам ништо многу драматично“, рече тој. „Ние воведовме царини; ни должат многу пари и сигурен сум дека ќе платат“.
Американскиот претседател ја нагласи потребата Канада и Мексико да ги решат трговските нерамнотежи и да ја ограничат илегалната миграција.
„Тие мора да ги избалансираат нивните трговски бројки“, рече тој. „Треба да ги спречат луѓето да се прелеваат во нашата земја“.
Трамп, исто така, ги поврза трговските политики со трговијата со дрога, особено со фентанил.
„Мораме да го запреме фентанилот“, рече тој. „Ако не го спречат, царините ќе бидат полоши, многу полоши“.
Тој ја призна потенцијалната краткорочна економска „болка“, но тврди дека долгорочните придобивки ќе го надминат тоа.
„Ние им помагаме на сите со години и... мислам дека не го ценат тоа“, рече тој. „Ќе го промениме тоа брзо и ќе ја направиме Америка повторно голема“.
Во саботата, Трамп потпиша извршна наредба со која се наметнуваат царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико, што стапуваат на сила утре во 12:01 часот. Тој најави и царина од 10 отсто за кинескиот увоз.