Övünç Kutlu
24 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
ЊУЈОРК (AA) - Новиот американски претседател Доналд Трамп донесе одлука САД да се повлечат од Транспацифичкиот договор за слободна трговија (ТПП), јавува Anadolu Agency (AA).
Инаку станува збор за голем трговски договор потпишан од 12 земји, кои заедно сочинуваат 40 проценти од севкупната светска економија.
Трамп потпиша декрет со кој го укинува учеството на САД во Транспацифичкиот договор за слободна трговија, кој е договорен за време на владеењето на поранешниот американски претседател Барак Обама.
Трамп во текот на предизборната кампања им вети на гласачите дека ТПП ќе биде поништен бидејќи претставува „убиец на работните места“.
По потпишувањето на декретот, Трамп истакна дека за оваа одлука се расправало долго време.
„По ова прашање разговаравме многу долго“, рече Трамп, и додаде дека оваа одлука е одлична за американските работници.
Трамп исто така потпиша и други декрети како што се замрзнување на вработувањата во државните служби на сојузно ниво, како и враќање во сила на одлуката за укинување на фондовите за меѓународни групи кои изведуваат абортуси.