Diyar Güldoğan
22 Јули 2024•Ажурирај: 23 Јули 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп, зборуваше откако Џо Бајден објави дека се повлекува од претседателската трка, известува Анадолу.
„Џо Бајден не беше способен да се кандидира за претседател, а тој сигурно не е способен да служи и никогаш не бил!“, објави Трамп на платформата „Трут Социал“.
„До позицијата претседател дојде само со лаги и лажни вести“, рече Трамп, додавајќи дека сите знаат дека тој не е способен за оваа висока функција.
„Сите околу него, вклучително и неговиот лекар и медиумите, знаеја дека тој не е способен да биде претседател и се покажа дека не е“, рече Трамп.
На крајот рече дека ќе направи сѐ што е потребно за да се санираат штетите што поскоро.
„Многу ќе страдаме поради неговото претседателство, но брзо ќе ја санираме штетата што тој ја направи. Направете ја Америка повторно голема!“, истакна Трамп.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој најави повлекување од изборната трка, рече дека ја одобрил и поддржал потпретседателката Камала Харис за кандидат на Демократската партија.
„Демократи, сега е време да се обедините и да го поразите републиканскиот кандидат Доналд Трамп“, рече Бајден.
Харис ќе стане официјален демократски кандидат доколку добие доволно гласови од делегатите на Демократската национална конвенција.