Hakan Çopur
09 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) не ја поддржуваат турската операција „Извор на мирот" и дека на подрачјето каде се изведува операцијата не се наоѓа ниту еден американски војник, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД не го поддржуваат овој напад и јасно ѝ порачаа на Турција дека оваа операција е лоша идеја", се наведува во соопштението на Трамп.
Додаде дека од почетокот на стапувањето на политичката сцена говорел дека не сака да води, како што рече, неразумни војни на кои не им се гледа крајот.
„Посебно не оние кои не се во интерес на САД. Турција вети дека ќе ги штити цивилите и верските малцинства, вклучувајќи ги и христијаните и дека нема да дојде до било каква хуманитарна криза"; истакна Трамп и додаде:
„Турција се обврзува сите војници на ДЕАШ, кои се во затвор и понатаму да останат таму, како и повторно да не се појави ДЕАШ во било кој облик или форма. Очекуваме Турција да ги одржи своите ветувања. Внимателно ќе го следиме целиот процес", се додава во соопштението.
Министерството за одбрана на Турција соопшти дека терористите се единствената цел во рамките на операцијата „Извор на мирот" на северот на Сирија.
„Како што беше во претходните операции „Штитот на Еуфрат и Маслинова гранка и во операцијата „Извор на мирот" единствена цел се терористите", се додава во соопштението.
Се наведува дека операцијата се спроведува во согласност со нормите на меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации кои се однесуваат на борбата против тероризмот.
Вооружените сили на Турција (TSK) и Сириската национална војска, ја покренаа операцијата „Извор на мирот" чија цел е воспоставување на мирот и безбедноста во регионот и да се уништи терористичкиот коридор кој терористите намеруват да го воспостават јужно од границата со Турција.