Dildar Baykan
07 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, истакна дека доколку Турција ќе направи нешто во Сирија што според него ќе ги надмине границите, ќе ја уништи економијата на Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп на Твитер објави ново соопштение во врска со Турција по последната одлука за Сирија.
„Претходно силно го истакнав, но сега ќе го повторам; Доколку Турција ќе направи нешто што според мојот длабок и неспоредлив разум ќе ги надмине границите, ќе ја уништам економијата на Турција (Тоа го сторив претходно)“, нагласи Трамп.
Американскиот претседател тврди дека САД 100 отсто го уништил „калифатот“ на ДЕАШ и дека направиле повеќе од она што било очекувано од нив.
„Турција заедно со Европа и другите земји треба да води сметка за фатените борци на ДЕАШ (во Сирија) и нивните семејства“, истакна тој, и додаде: „Сега е време за другите во регионот, од кои некои се многу богати, да ги заштитат своите територии“.
- Одлуката на Трамп во врска со Сирија
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и Трамп синоќа остварија телефонски разговор.
„Турција наскоро ќе направи чекори за операцијата која долго време ја планира во северниот дел на Сирија. Вооружените сили на САД нема да ја поддржат или нема да се вклучат во оваа операција“, соопшти изутрина Белата Куќа.
„Курдите војуваа со нас, но за да го сторат тоа им беше исплатена голема сума пари и им беше дадена опрема. (Курдите) Тие со децении војуваат против Турција. Јас ја задржав оваа борба скоро 3 години, но време е да излеземе од овие смешни бескрајни војни, многу од нив племенски, и да ги донесеме нашите војници дома“, напиша Трамп на Твитер.