Michael Hernandez
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, го повика индискиот премиер, Нарендра Моди, да ги подобри врските со Пакистан заради надминување на спорот во врска со Кашмир, јавува Anadolu Agency (AA).
„За време на состанокот на маргините на 74. заседание на Генералното собрание на ОН, Трамп „го поттикна премиерот Моди“ да ги подобри односите со Пакистан и да го исполни ветувањето за подобар живот на Кашмирците“, се вели од Белата куќа.
Регионот Џаму и Кашмир од 5 август се соочува со обиди за потиснување, кога индиската Влада го отповика членот 370 од Уставот на Индија, кој ѝ даваше посебен статус на оваа област, при што Владата го блокираше комуникацискиот пристап и воведе ограничувања во движењето за да спречи каков било протест во регионот.
Од 1954 година до 5 август 2019 година, Џаму и Кашмир уживаше посебен статус според индискиот Устав, што му овозможуваше да носи свои закони. Одредбите, исто така, го заштитуваа Законот за државјанство во регионот, според кој се забрануваше странци да се населат и да поседуваат земјиште на територијата на Џаму и Кашмир.
И Индија и Пакистан имаат под своја контрола делови на Кашмир. Кина, исто така контролира дел од оспорениот регион, но Индија и Пакистан во два наврати војуваа поради Кашмир.
Двете јужноазиски нуклеарни сили ги водеа двете војни за Кашмир во 1947 и во 1965 година.
Пред билатералната седница, Трамп рече дека „би било одлично“ доколку Њу Делхи и Исламабад би можеле да изнајдат решение за Кашмир.
„Ние сите сакаме да го видиме тоа. Сигурен сум во тоа“, изјави Трамп.