Selen Temizer
08 Март 2023•Ажурирај: 09 Март 2023
БРИСЕЛ (АА) - Заканувачка и-мејл порака на руски јазик во Брисел, главниот град на Белгија, ги алармира властите, јавува Анадолу.
Локалните медиуми објавија дека Комисијата на Европската Унија (ЕУ) ја контактирала полицијата откако добила и-мејл на руски јазик дека е планиран напад во подземната железница во Брисел на 8 март.
Иако мејлот не стигнал од веродостоен извор, бриселското главно обвинителство започна истрага.
Белгиската Федерална железничка полиција вршеше контрола во метрото синоќа и ги зајакна патролите.
„Ле соа“, еден од поголемите весници во земјата, објави дека и-мејлот содржел закани дека можен е напад меѓу станиците Изер и Рожје во бриселското метро.
Констатирано е дека лицето, кое во мејлот навело дека е Русин, двапати ја контактирало Комисијата на ЕУ, првиот пат на 16 февруари, а потоа и на 3 март. Во мејлот од 3 март се наведува дека тој „би сакал да предупреди дека додека ЕУ ја продолжува својата агресивна политика, на територијата на Унијата ќе започнат масовни терористички напади“.
Наведено е дека на 8 март метрото во Брисел ќе биде дигнато во воздух.
Иако сѐ уште нема докази, властите и понатаму се во состојба на готовност.
Во март 2016 година, 32 лица загинаа, а 340 беа повредени во бомбашки напади на бриселскиот аеродром и метро станицата Маалбек во центарот на градот.