Muhammed Semiz
28 Јули 2021•Ажурирај: 30 Јули 2021
ТУНИС (АА) – Во Тунис започнаа истраги против движењето Ен-Нахда, партијата Срцето на Тунис и некои државни институции за различни обвиненија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Главниот обвинител на тунискиот Основен суд, Мухсин ед Дали, за туниската официјална агенција ТАП, во однос на истрагата започната против политичките партии и некои државни институции, истакна дека е започната истрага против движењето Ен-Нахда, партијата Срцето на Тунис и Здружението за живот во Тунис под обвинение за „прифаќање на непознати средства за финансирање на изборната кампања“.
Главниот обвинител исто така изјави дека е започната истрага против Комисијата за вистината и достоинството под сомнение за „измама и злоупотреба на средства што ѝ припаѓале на делегацијата за време на претседателството на Шоги ал Табиб во врска со Националниот комитет за борба против корупцијата (INLUCC)“.
Дали исто така изјави дека е започната истрага против „Тунис ерлајнс“, под сомнение за „корупција“ во врска со набавка на мотори на авиони за време на владеењето на Илјас Менкиби.
Националниот комитет за борба против корупцијата е формиран на 24 ноември 2011 година како резултат на напорите за борба против корупцијата и поткупот што започнаа со револуцијата на 14 јануари во Тунис.
Шевки Табиб беше назначен за шеф на делегацијата во јануари 2016 година.
Комисијата за вистината и достоинството е основана во Тунис во 2013 година со цел да се вратат правата на оние кои беа жртви на режимот на Зејнелабидин бин Али, да се казнат одговорните и да се „помират со историјата на земјата“.
- Што се случи во Тунис?
На 25 јули беа одржани протести против власта во Тунис, како и против опозицијата, а во немирите беа извршени напади врз седиштата на партиите, меѓу кои и на движењето Нахда.
Претседателот Саид, тврдејќи дека на земјата ѝ е потребна вонредна состојба поради лошата ситуација во врска со корупцијата, ја прекина работата на Парламентот и го ослободи премиерот од функцијата.
По тоа, на претседателот на тунискиот Парламент и претседател на движењето Нахда, најголемата политичка партија во земјата, Рашид Ганучи, и на пратениците не им беше дозволен влез во Парламентот.
Ганучи го обвини претседателот Саид за државен удар, наведувајќи дека станува збор за чекор што нема правна основа и го повика народот на мирна борба.