Alaa Mohamed Aboueleinin Aly,Safiye Karabacak
27 Јули 2021•Ажурирај: 28 Јули 2021
ТУНИС (АА) - Тунискиот претседател Кајс Саид донесе одлука за воведување едномесечен полициски час во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Кабинетот на претседателот се наведува дека Саид издал декрет со кој се „забранува движење на луѓе и возила од 19 до шест часот“.
Со забраната не се опфатени итните медицински случаи и ноќните работници.
Забраната се однесува и на меѓуградските патувања, освен ако станува збор за итна здравствена состојба или основни потреби.
Се забранува и собирање на повеќе од три лица на улиците и плоштадите.
Саид издаде и указ за дводневно прекинување на работата во државните институции, освен војската и полицијата, наведувајќи дека запирањето на работата може да биде продолжено.
Во неделата беа одржани протести против власта во Тунис, како и против опозицијата, а во немирите беа извршени напади врз седиштата на партиите, меѓу кои и на Движењето „Нахда“.
Претседателот Саид, тврдејќи дека на земјата ѝ е потребна вонредна состојба поради лошата ситуација во врска со корупцијата, ја прекина работата на Парламентот и го ослободи од функцијата премиерот.
По тоа, на претседателот на тунискиот Парламент и претседател на Движењето „Нахда“, најголемата политичка партија во земјата, Рашид Ганучи, и на пратениците не им беше дозволен влез во Парламентот.
Ганучи го обвини претседателот Саид за државен удар, наведувајќи дека станува збор за чекор што нема правна основа и го повика народот на мирна борба.