Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
03 Октомври 2022•Ажурирај: 04 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Нагласувајќи ги силните односи меѓу Туркије и Либија, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес најави потпишување на меморандуми за разбирање (МоУ) за јаглеводороди и гас меѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Велејќи дека Туркије отсекогаш била покрај Либија и нејзиниот народ во време на потреба, Чавушоглу, на заедничката прес-конференција со либиската колешка Наџла ел Мангуш во Триполи, рече дека неговата земја ќе продолжи да ја поддржува Либија без никакво двоумење.
Чавушоглу, заедно со делегација на високо ниво, вклучувајќи го и министерот за енергија и природни ресурси, Фатих Донмез, министерот за одбрана, Хулуси Акар, министерот за трговија, Мехмет Мус, директорот за комуникации, Фахретин Алтун, и портпаролот на претседателот, Ибрахим Калин, пристигнаа во главниот град на северноафриканската земја на разговори за билатералните врски и регионални прашања.
Запрашан за можната реакција од Грција и Франција по договорите, Чавушоглу рече дека трети земји немаат право да се мешаат во договорите потпишани меѓу две суверени држави.
„Договорите потпишани денес и претходно се договори меѓу две суверени држави, Туркије и Либија, со разбирање меѓу двете страни. Затоа, трети земји немаат право да се мешаат во договорите потпишани од двете суверени земји. Не е важно што мислат“, рече Чавушоглу.
Во врска со изборите во Либија, високиот турски дипломат рече дека тоа треба да биде процес за кој ќе одлучуваат Либијците, повикувајќи на изработка на патоказ во овој поглед.
„Изборите мора да се одржат транспарентно, фер и демократски. Изборните резултати мора да бидат прифатени од сите страни во земјата, тоа е многу важно не само за националното единство, туку и за политичката стабилност, а Туркије придава големо значење на ова“, додаде тој.