Diyar Güldoğan
02 Декември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије и Унгарија се одлучни за понатамошно развивање на билатералната соработка со оглед на тоа што земјите уживаат „односи за пример“, изјави денеска турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Односите меѓу Туркије и Унгарија прогресираат како односи за пример кој треба да се земе како модел. Овие односи се зајакнуваат од ден на ден“, рече Сојлу на заедничката прес-конференција со неговиот унгарски колега Шандор Пинтер во Анкара.
Сојлу истакна дека Анкара и Будимпешта имаат силна соработка во борбата против трговијата со дрога, финансискиот криминал, прекуграничниот криминал, шверцот и тероризмот.
„Ние сме решени да ја зајакнеме соработката и солидарноста што ја имаме во Организацијата на туркиски држави и во рамките на другите регионални и меѓународни платформи“, додаде тој.
„Двете земји се подготвуваат да ја одбележат Годината на културата на Туркије и Унгарија во 2024 година по повод 100-годишнината од воспоставувањето на меѓусебните дипломатски односи“, рече Сојлу и додаде: „Ќе продолжиме да работиме на развивање на нашите заеднички области на соработка до 2024 година.“
Тој, исто така, истакна дека е донесена одлука Туркије и Унгарија да воспостават заеднички механизам за работа.
Унгарскиот министер Пинтер, од своја страна, рече дека Унгарија е подготвена да ја зајакне соработката и да го развие механизмот.
Тој, исто така, ги пофали турските полицајци кој работат во Унгарија за нивната дисциплина и успех.