Diyar Güldoğan
18 Август 2022•Ажурирај: 18 Август 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во украинскиот град Лавов на разговори со неговиот украински колега и со шефот на ОН, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред состанокот со украинскиот претседател Владимир Зеленски, Ердоган ќе положи венец на историските гробишта „Личакив“.
Тој ќе одржи билатерална средба со Зеленски во палатата Поточки и ќе разговара за сите аспекти на односите меѓу Туркије и Украина на ниво на стратешко партнерство.
По билатералните разговори ќе следува трилатерален самит со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Ердоган, Зеленски и Гутереш ќе разговараат за чекорите што може да се преземат за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија преку дипломатски средства и одржување на механизмот воспоставен за извоз на украинско жито на светските пазари“, соопшти турското Претседателство.
Се очекува по трилатералната средба да одржат заедничка прес-конференција.
На 22 јули, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за повторно отворање на три украински црноморски пристаништа за извоз на украинско жито заглавено поради војната, која започна во февруари.
За да се надгледува процесот, на 27 јули официјално беше отворен Заедничкиот координативен центар (JCC) во Истанбул, составен од претставници од трите земји и ОН, за да се овозможи безбеден транспорт на комерцијални прехранбени производи и ѓубрива со трговски бродови.
Според ОН, Гутереш треба да го посети и украинскиот пристаништен град Одеса за да го види транспортот на жито. Тој в сабота ќе замине за Туркије и ќе го посети Центарот во Истанбул.