Ekipa
16 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Малезиската полиција денес соопшти дека е уапсено и второ женско лице поврзано со смртта на Ким Џонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, јавува Anadolu Agency (AA).
Ким Џонг-нам почина во понеделникот, откако бил наводно отруен додека чекал лет на Меѓународниот аеродром во Куала Лумпур.
Главниот полициски инспектор Халид Ебу Бакар изјави дека втората осомничена поседувала индонезиски документи на име Сити Аиша (25), кои моментално се на проверка.
„Таа е идентификувана со помош на снимките од аеродромот, а во моментот на апсењето била сама” , изјави Бакар.
Првото осомничено женско лице, кое поседуваше виетнамски документи на име Доан Ти Хуонг (29) е уапсена вчера во моментот кога се обидувала да се качи на лет за Виетнам.
Бакар нагласи дека осомничените ќе бидат задржани во притвор најмалку една недела.