Lina Altawell
27 Ноември 2026•Ажурирано: 27 Ноември 2026
Еден Палестинец загина, а неколкумина, меѓу кои жени и деца, се повредени денес во израелските напади низ Појасот Газа, во услови на континуирано прекршување на договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври 2025 година.
Медицински извори за Анадолу изјавија дека еден Палестинец им подлегнал на повредите добиени во израелскиот напад со беспилотно летало врз цивили во Џабалија утрово.
Во нападот се повредени и неколкумина Палестинци, соопшти изворот, без да прецизира колку точно.
Во градот Газа, медицински извор за Анадолу изјави дека шестмина повредени Палестинци, меѓу кои жени и деца, се донесени во болницата „Ал-Шифа“ по израелскиот напад.
Локални извори наведоа дека нападот бил насочен кон стан во станбената зграда „Ал-Хасајна“ во населбата Ал-Римал, во западниот дел на градот Газа.
Во централниот дел на Газа, локални извори известија за израелско артилериско гранатирање источно од Деир ал-Балах, при што засега нема информации за жртви.
Во јужниот дел на Газа, медицински извор од болницата „Насер“ соопшти дека една Палестинка била повредена од оган на израелската армија јужно од Кан Јунис.
Претходно очевидци рекоа дека израелски воени возила отвориле силен оган кон источните и централните делови на Кан Јунис, придружен со артилериско гранатирање.
Според Министерството за здравство во Газа, од стапувањето во сила на договорот за прекин на огнот, па сè до вчерашниот ден, како последица на израелските прекршувања на договорот, убиени се 1.705 Палестинци, а 6.163 се повредени.
Израел и палестинската група Хамас постигнаа договор за прекин на огнот во октомври 2025 година, врз основа на план поддржан од САД, но спроведувањето на преостанатите одредби од договорот е во застој. Израел продолжува да контролира околу 70% од Појасот Газа.
Во геноцидната војна што Израел ја води против Газа од октомври 2023 година убиени се околу 75.000 Палестинци, повеќе од 176.000 се повредени – од кои повеќето се жени и деца – а уништени се околу 90% од инфраструктурата во енклавата.