Vesna Besic
10 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
ОДЕСА (АА) - Најмалку едно лице загина, а три се повредени во нов ракетен напад на руските сили врз трговски центар во пристанишниот град Одеса во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пожар избувна во трговскиот центар откако проектили ја погодија зградата синоќа.
Државната служба за итни случаи на Украина сподели видео на кое се гледа како пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот.
Руските сили извршија 48 воздушни напади врз украинските региони Харков и Доњецк во последните 24 часа, изјави вчера портпаролот на Министерството за одбрана на Украина.
Портпаролот Олександр Мотузијаник изјави дека Руската армија продолжува да ја напаѓа Украина и дека распоредувањето на руските трупи моментално е фокусирано во правец на градот Славјанск во Доњецк.
Руските сили продолжуваат да ги напаѓаат инфраструктурата и цивилните области во Украина, рече Мотузијаник.
Најмалку 3.381 цивили загинаа, а 3.680 се ранети во Украина од почетокот на војната со Русија на 24 февруари, според проценките на Обединетите нации (ОН). Се стравува дека реалната бројка е многу поголема.
Над 5,8 милиони луѓе пребегале во други земји, а околу 7,7 милиони луѓе се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.