Davit Kachkachishvili
28 Февруари 2023•Ажурирај: 01 Март 2023
ДОЊЕЦК (АА) - Украинските системи за противвоздушна одбрана редовно гаѓаат руски воени авиони, ракети и беспилотни летала, изјави командантот на украинската Армија, јавува Aнадолу.
„Овие системи активно се користат. Сакам да истакнам дека секој ден, секоја ноќ продолжуваат воздушните и ракетните напади врз цивилните населби во Украина и се најавува воздушна опасност. Непријателот се обидува да ја нападне нашата клучна и цивилна инфраструктура, како и цивилни населби“, изјави за Анадолу командантот со кодно име Кревонис.
Тој рече дека неговиот тим ги користи системите за противвоздушна одбрана „Стрела-10“ за да се спротивстави на воздушните и ракетните напади, истакнувајќи дека нивни главни цели се руските воени авиони, ракети и беспилотни летала камикази на фронтот или оние чии цели се градови и населени места.
„Се разбира, не можам да ја прецизирам нивната локација и број, но со овој систем уништивме непријателски воени авиони, ракети и беспилотни летала. Персоналот на нашиот систем за противвоздушна одбрана може да се подготви да пука за 20 секунди. Ова оружје може да уништи цел на далечина од 5.000 метри вертикално и 3.500 метри хоризонтално“, рече тој.
Според најновите податоци на Обединетите нации (ОН), во војната меѓу Русија и Украина досега загинале повеќе од 8.100 цивили, а околу 13.500 се ранети.