Bahtiyar Abdülkerimov
14 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера се сретна со своите колеги од Полска, Литванија, Летонија и Естонија во главниот град Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот, Зеленски одржа заедничка прес-конференција со Анджеј Дуда, претседателот на Полска, Гитанас Науседа, претседателот на Литванија, Егилс Левитс, претседателот на Летонија и Алар Карис на Естонија.
„Јас би сакал да им се заблагодарам на овие големи лидери и нивните големи земји што се секогаш со нас, секогаш на страната на Украина“, рече Зеленски.
„Рамо до рамо и од самиот почеток тие се помеѓу првите кои ја поддржаа визијата на Украина за Европската Унија, вклучително и силната политика на санкции против Русија и нејзината агресија. Овие четворица лидери секогаш нѐ бранат нас“, додаде тој.
Тој рече дека четирите земји биле помеѓу првите кои обезбедиле поддршка во оружје за Украина.
„Уверен сум дека овие четири земји ќе бидат први на сите страници од иднината на Украина, а ние имаме одлична иднина, бидејќи со вакви партнери и пријатели дефинитивно ќе победиме. Му благодарам на секого од вас за оваа значајна посета во овие тешки времиња за Украина“, додаде тој.
Најмалку 1.932 цивили загинаа и 2.589 се повредени во Украина од почетокот на војната, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
„Повеќе од 4,6 милиони Украинци заминаа во други земји, а над 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.