Aness Suheil Barghoti
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
ЕРУСАЛИМ (AA) – Извршниот одбор на Oрганизацијата за oбразование, наука и култура на ООН (УНЕСКО) вчера службено ја усвои резолуцијата со која се негира поврзаноста на Евреите со ерусамискиот комплекс на џамијата Ал-Акса, јавува Anadolu Agency (AA).
Државите-членки на УНЕСКО минатата недела гласаа за резолуцијата со 24 гласа за, шест против и 26 воздржани.
Во резолуцијата се повикува Израел, како „окупаторска сила“, ситуацијата да ја врати на „историскиот статус кво“, кој владееше до септември 2000 година, а под овој статус се подразбира надлежноста над џамискиот комплекс да ја има исклучиво Организацијата за муслимански задолженија и работи на Ал-Акса од Јордан.
Текстот на резолуцијата, исто така, остро ја осудува „ескалацијата на израелската агресија и незаконските мерки“, против организацијата, како и израелското насилство кон правата на муслиманите да извршуваат верски обреди на тоа за нив, свето место.
Во изјавата на Јусуг ал-Махмуд, портпаролот на палестинската Влада се наведува дека резолуцијата на УНЕСКО претставува укор кон израелската окупација, неговиот однос и политика, кои, како што тврди, имаат за цел да го нарушат арапскиот и муслиманскиот идентитет на Ерусалим.
Тој ја повика меѓународната заедница на сериозна акција за да ја реши повеќедецениската израелска окупација и да го поддржи основањето на палестинската држава со источен Ерусалим, како главен град.
Сами Абу Зухри, портпаролот на палестинското движење Хамас, ја опиша резолуцијата како „победа за палестинската заложба“, и ја поздрави истрајноста на УНЕСКО да се оттргне од израелските притисоци и да ја смени одлуката.
По гласањето на резолуцијата минатата недела, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро ја нападна одлуката на УНЕСКО.
„Изјавата дека Израел нема врска со Ридот на храмот и со Sидот на плачот е како да кажеш дека Египет нема никаква врска со пирамидите или дека Кина нема никаква врска со Кинескиот sид. Со усвојувањето на оваа апсурдна резолуција, УНЕСКО го загуби и оној мал легитимитет што некогаш го имаше“, рече Нетанјаху.
За муслиманите, Ал-Акса претставува трето најсвето место на светот. Евреите подрачјето го нарекуваат Рид на храмот, тврдејќи дека на тоа место постоеле два еврејски храма во древни времиња.
Во септември 2000 година, со посетата на Ал-Акса на контроверзниот израелски политичар Ариел Шарон ја предизвика Втората Интифада, народно востание против израелската окупација во која загинаа илјадници Палестинци.
Израел го окупираше источен Ерусалим во кој се наоѓа Ал-Акса, за време на војната на Блискиот Исток во 1967 година. Потоа формално го анектираше во 1980 година, тврдејќи дека Ерусалим е главен град на еврејската држава, што никогаш не е признаено од меѓународната заедница.