İdris Sülün
20 Септември 2022•Ажурирај: 21 Септември 2022
КУАЛА ЛУМПУР
Најмалку 11 деца загинаа кога хеликоптер од мјанмарската Војска отвори оган врз училиште во Лет Ет Коне на 16 септември, соопшти Меѓународниот детски фонд (УНИЦЕФ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Најмалку 11 деца загинаа во неселективен оган отворен на 16 септември во областа Сагаинг, Мјанмар, каде што се наоѓаше и училиштето“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на УНИЦЕФ.
На семејствата им се изразува сочувство.
„Исчезнаа уште најмалку 15 деца од истото училиште. УНИЦЕФ повикува на нивно итно ослободување и преместување на безбедно место. Училиштата треба да бидат безбедни. Децата никогаш не треба да бидат напаѓани“, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.
Локалните медиуми вчера известија дека во споменатите напади загинале најмалку шест деца, а ранети се 17 лица.
Мјанмарската војска на 1 февруари 2021 година изврши државен удар и ја презеде власта во земјата. Армијата прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси владините лидери, вклучително и Аунг Сан Су Чи.
Во интервенциите на мјанмарската Војска против групите и поединците кои се спротивставија на пучот, според податоците на Здружението за помош на политички затвореници (AAPP), беа убиени повеќе од 1.900 луѓе, а повеќе од 10.000 беа уапсени. Воените судови во Мјанмар осудиле на смрт 114 политички затвореници, меѓу кои и двајца малолетници.
Масовниот егзодус на Рохинџите започна на 25 август 2017 година, откако Армијата на Мјанмар започна брутална операција против муслиманското малцинство во северниот регион на земјата.
Оттогаш, околу 1,2 милиони Рохинџи побегнаа во соседен Бангладеш и сега живеат во катастрофални услови, вклучително и во бегалскиот камп Кокс Базар.