Muhammet Nazım Taşcı
04 Април 2024•Ажурирај: 05 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА)
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објави дека минатата година во Мјанмар од нагазни мини и други експлозиви загинале 1.052 цивили, известува Анадолу.
УНИЦЕФ наведе дека е алармантно тоа што нагазни мини има во речиси сите области во Мјанмар, освен во главниот град Непјидо.
Во соопштението се вели дека во 2022 година од мини животот го загубиле 390 цивили.
Се истакнува дека во 2023 година 1.052 цивили ги загубиле животите во Мјанмар од мини и други експлозиви, од кои 20 отсто биле деца.
Дебора Комини, регионална директорка на УНИЦЕФ за Источна Азија и Пацифик, рече дека употребата на нагазни мини не е само грозоморен чин туку и кршење на меѓународното хуманитарно право.
Комини нагласи дека сите страни во конфликтот во Мјанмар мора да прекинат со употребата на нагазни мини за да се осигури безбедноста на цивилите и децата.
Земјата се бори со внатрешни политички и етнички конфликти откако војската на Мјанмар ја презеде власта во февруари 2021 година.
Во внатрешните конфликти во Мјанмар се раселени околу 2,8 милиони луѓе, а повеќе од 18 милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош.