Admir Fazlagikj
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, во документ претставен пред Европската Унија (ЕУ) повика на длабинска реформа на глобалниот ангажман на Европа околу бегалците, вклучително и европскиот систем за азил, јавува Anadolu Agency (AA).
Според денешното соопштение од канцеларијата на УНХЦР во Македонија, оваа организација (УНХЦР) бара од Европа да понуди постратешка и насочена поддршка за земјите на потекло, азил и транзит на бегалците, да ги разгледа подготовките за непредвидени ситуации со цел да може да одговори на големи бранови на бегалци и мигранти и да воспостави поефикасен и подобро управуван систем за азил. Исто така, побара и поголемо инвестирање од страна на земјите-членки на ЕУ во интеграцијата на бегалците, вклучувајќи сместување, вработување и јазична обука.
„Минатата година Европа не успеа да спроведе колективен, управуван одговор на предизвиците од пристигнувањето на повеќе од милион бегалци и мигранти“, рече високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.
„Тоа доведе до сцени на хаос на границите, што пак доведе до рушење на довербата на јавноста во капацитетот на владите да раководат со ситуацијата и им направи услуга на оние што сакаа бегалците да ги претворат во жртвени јагниња. Важно е земјите-членки на ЕУ да покажат, преку колективно делување, дека Европа е способна делотворно и на принципиелен начин да се ангажира околу движењата на бегалците, да помогне со стабилизирањето на бегалските текови на долг рок преку постратешко надворешно ангажирање – а во исто време да продолжи да прима бегалци во Европа“.
Документот на УНХЦР „Подобра заштита на бегалците во ЕУ и глобално“ изложува практична визија како може тоа да се постигне и во ЕУ и во светот.
Меѓу главните предлози се и насочените мерки за справување со причините поради коишто бегалците бегаат и продолжуваат да се движат, зголемен број безбедни патишта за бегалците кон Европа и упростен систем за азил што ќе ги идентификува, регистрира и ќе ги процесира новодојдените лица брзо и ефикасно, и успешно ќе придонесе кон враќање на довербата на јавноста.
„Сега е моментот за нова визија за ангажманот на Европа околу глобалната бегалска криза“, рече Гранди „земајќи ја предвид историјата на толеранција, отвореност и врз основа на принципите на заштита, но исто така и со прагматичен и практичен пристап. Историјата покажа дека Европа е посилна кога се справува со предизвиците заеднички и јас цврсто верувам дека ова сè уште е можно денеска“.
Во соопштението се наведува дека работењето на елементите од постоечкиот Заеднички европски систем за азил (ЦЕАС) и некои од реформите предложени од страна на Европската комисија, предлозите на УНХЦР би довеле до упростен систем за азил, којшто би обезбедил пристап до територија, соодветно регистрирање и прифаќање на новодојдените лица, споделување на одговорноста за барателите на азил меѓу земјите-членки на ЕУ и ќе обезбеди сигурност земјите-членки да бидат опремени за да се справат со задачата.
Реформите што ги предлага УНХЦР би го гарантирале правото на азил, ќе ја подобрат безбедносната проверка, би го олесниле ефикасното управување на движењата на популацијата и би можеле да ги намалат трошоците.
Предлозите вклучуваат заеднички европски систем за регистрација, забрзани и упростени постапки за одредување азил, давање приоритет на спојувањето на семејствата, заеднички пристап околу непридружуваните и разделени деца, механизам за дистрибуција за земјите-членки под притисок на висок број новодојдени лица и ефикасен систем за враќање на поединците на кои не им е потребна заштита во нивните земји на потекло.
Потсетуваме дека во неодамнешно интервју во разговор за АА, претставникот на УНХЦР во Македонија, Мохамед Ариф, изрази загриженост за состојбата на бегалците што се сместени во прифатно-транзитните центри во Македонија, истакнувајќи дека состојбата со бегалците кои престојуваат повеќе од 6 месеци во транзитните центри е загрижувачка, бидјеќи центрите не се соодветни за долг престој на бегалците.
Во таа пригода, Ариф информираше дека во Македонија моментално престојуваат 271 бегалец и повика институциите да обрнат повеќе внимание и да преземат активности во насока на обезбедување соодветен трентман за нив, согласно околностите и ситуацијата во која се наоѓаат.