Rabia İclal Turan
09 Октомври 2024•Ажурирај: 09 Октомври 2024
ВАШИНГТОН (АА) - ФБИ уапси Авганистанец кој живее во Оклахома Сити, кој наводно планирал да изврши терористички напад во Соединетите Американски Држави (САД) на денот на изборите во име на ДЕАШ, објави Министерството за правда, јавува Анадолу.
27-годишниот Насир Ахмад Тавхеди, наводно, планирал да изврши напад врз големи толпи луѓе за време на претседателските избори на 5 ноември со огнено оружје и муниција, се вели во кривичната пријава.
Тавхеди, наводно, презел чекори за унапредување на своите планови, меѓу кои и ликвидација на имотот на неговото семејство, преселување на членовите на неговото семејство во странство и набавка на две пушки АК-47, се вели во соопштението на Министерството за правда.
„Тероризмот сè уште е приоритет број еден за ФБИ и ние ќе ги искористиме сите ресурси за да го заштитиме американскиот народ“, порача директорот на ФБИ, Кристофер Вреј.
ФБИ, во координација со полициската управа на Оклахома Сити, го уапси Тавхеди во понеделникот, откако тој купил две автоматски пушти АК-47, 10 рамки за муниција и 500 парчиња муниција.
Тој е обвинет за заговор и обид за обезбедување материјална поддршка на ДЕАШ, за што е предвидена максимална казна затвор од 20 години, како и за земање огнено оружје за извршување федерално кривично дело тероризам, што може да резултира со дополнителни 15 години затворска казна.