Ömer Faruk Yıldız
08 Март 2021•Ажурирај: 09 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Во рамките на „операцијата насочена против комунистите“, безбедносните сили на Филипини информираа дека се убиени најмалку 9 лица, а шестмина се приведени, известува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во националните медиуми, вчера во филипинските провинции Ризал, Батангас и Кавите, безбедносните сили спровеле операции за приведување на лицата за кои се тврди дека се припадници на комунистички групи.
Потполковникот Читадел Гаоиран во изјавата за медиумите информираше дека во судирот што настанал при спроведувањето на операциите убиени се 6 лица во провинцијата Ризал, 2 во Батангас и едно во Кавите.
Потполковникот Гаоиран соопшти дека се приведени 6 лица и додаде дека при рациите во домовите на осомничените запленети се експлозивен материјал и оружје.
Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, во своето обраќање на 5 март рече дека нема да им дозволи на комунистите да ја соборат власта во земјата и истакна: „Им се обраќам на безбедносните сили. Доколку во текот на операцијата го насочат оружје кон вас, веднаш убијте ги.“