Ekipa
08 Март 2021•Ажурирај: 09 Март 2021
ЈАУНДЕ (АА) - Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 500 се повредени во четирите експлозии што се случија во воената касарна во градот Бата, еден од најнаселените градови во Екваторијална Гвинеја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението издадено од претседателот Теодоро Обианг Нгуема Мбасого, експлозиите се случиле вчера околу 16.00 часот по локално време.
Тој изјави дека експлозиите се случиле поради немарност и неправилно ракување со динамит во воената касарна во населбата Мондонг Нкуамнтома.
Претседателот рече дека им наложил на властите да ги преземат потребните истраги за целосно разјаснување на тоа што се случило, одговорноста што ќе треба да се преземе, како и големината на причинетата штета.
Тој исто така го повика населението да остане смирено.
Во соопштението се вели дека претседателот побарал апел за поддршка од меѓународната заедница и националните добродетели на Екваторијална Гвинеја во овие тешки времиња што се совпаѓаат со економската криза поради падот на цената на нафтата и пандемијата на Ковид-19.
„Нашите здравствени работници продолжуваат да пружаат нега на местото на трагедијата и здравствените центри“, соопшти на Твитер Министерството за здравство.
Според Министерството, повредените се пренесени во Општата болница „Бата“, болницата „Ла Паз“ и во болницата „Нуево Инсесо“.
Екваторијална Гвинеја е централноафриканска земја која се состои од континенталниот дел Рио Муни и пет вулкански острови. Главниот град Малабо, на островот Биоко, е центар на просперитетната нафтена индустрија во земјата.
Бата е пристаништен и трговски град на Екваторијална Гвинеја.
Економијата на земјата во голема мера се потпира на нејзината индустрија за нафта и природен гас, што сочинува над 60 отсто од нејзиниот бруто домашен производ, 80 отсто од нејзините фискални приходи и 86 отсто од нејзиниот извоз во 2015 година, според извештаите на земјата во Меѓународниот монетарен фонд.