Ekip
17 Ноември 2020•Ажурирај: 18 Ноември 2020
ПАРИЗ
Француската полиција денес започна акција за да го отстрани мигрантскиот камп во кој се наоѓаа повеќе од 2.000 бегалци, баратели на азил и штотуку пристигнати мигранти, а кој се наоѓаше во париското предградие Сен Дени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Полициската акција започна во седум часот, а со неа координираше париската полиција. На социјалните медиуми се појавија снимки на кои се гледа како француската полиција користи солзавец против мигрантите.
Кампот во кој според одредени извори се наоѓале и до 2.400 луѓе, е лоциран под Автопатот А1, во близина на стадионот „Стад де Франс“, во комуната Сен Дени.
На тоа место беа подигнати неколку стотини шатори, во кои мигрантите се наоѓаат од август.
Кампот оттогаш значително се прошири, а предизвика голема загриженост поради лошите хигиенски услови, а особено во време на пандемија, кога е оневозможен пристапот до вода за миење раце, а мал број луѓе што се наоѓаат во кампот користат маски.
Во соопштението на Дидие Лалемент, во име на париската полиција, се наведува дека ваквите кампови се неприфатливи.
„Оваа акција е извршена за да се обезбеди луѓето со регуларна состојба да бидат адекватно сместени, а оние кои немаат регуларна состојба, да не престојуваат на тоа подрачје“, се наведува во соопштението.
Автобусите се подготвени да ги превезат мигрантите на подрачјата подалеку во Ил де Франс.
„Според моите инструкции, париската префектура утринава го евакуира нелегалниот камп Сен Дени, во кој во многу лоши санитарни услови живееја околу 2.000 луѓе. Благодарност до вклучените припадници на безбедносните сили и агентите на 75. префектура кои обезбедија сместување“, напиша министерот за внатрешни работи, Жерард Дарманин, на Твитер денес.
Претходно во 2016 година беше отстранет мигрантскиот камп во Кале, кој поради лошите услови го доби прекарот „Џунгла“.