ТОКИО (АА) - Поминаа 130 години откако фрегатата „Ертугрул“, која е прифатена како почеток на турско-јапонско пријателство, потона во Кушимото на југоистокот на Јапонија, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Ертугрул“ беше испратена во Јапонија во јули 1889 година, како одговор на посетата на јапонскиот принц Коматсу на Истанбул во октомври 1887 година.
Една година подоцна, фрегатата, зафатена од силна бура, на враќање удри во карпите крај Кушимото на 16 септември 1890 година и потона.
- Првата организирана делегација од исламскиот свет -
Фрегатата „Ертугрул“ го напушти Истанбул во јули 1889 година за да оди во Јапонија. Во фрегатата имаше 609 морнари, и таа беше прва дипломатска делегација која патуваше организирано.
Фрегатата при своето патување застана во Суецкиот Канал, Аден, Бомбај, Коломбо, Сингапур, Хонгконг, Фуџи, Нагасаки и Кобе и по 11 месеци стигна во Јокохама.
Шефот на делегацијата, Али Осман-паша, беше примен од јапонскиот император Меиџи. На средбата, Али Осман-паша му ги предаде на јапонскиот император Меиџи писмото и медалот испратен од султанот Абдул Хамид II.
Османлиската делегација, која имаше многу состаноци во рамките на дипломатската повратна посета, ја напушти Јокохама на 15 септември 1890 година.
- Јапонските моќни „септемвриски тајфуни“ -
„Ертугрул“, движејќи се на југот на островот Хоншу, вечерта на 16 септември стигна до крајбрежјето на Кушимото во државата Вакајама.
Фрегатата беше зафатена од септемвриските тајфуни, кои секоја година ја зафаќаа јужна Јапонија.
Поради моќниот тајфун фрегатата удри во карпите, се распарчи и потона во водите на Тихиот Океан.
Според историски извори, само 69 морнари ја преживеале несреќата, а повеќе од 500 османлиски офицери ги загубиле своите животи.
- Споменикот „Кушимото“ -
Оклопните воени бродови испратени од јапонската Влада со преживеаните морнари стигнаа во пристаништето во Истанбул во јануари 1891 година.
Бродовите останаа околу еден месец како гости на Отоманското Царство. Од Истанбул тргнаа во февруари и по 3 месеци се вратија во Јапонија.
Во Кушимото, каде што се случи несреќата, секоја година кај споменикот на починатите, кој е подигнат во 1891 година, се одржуваат меморијални церемонии.
- „Вистинско пријателство“ -
Оценувајќи ја важноста на прашањето, проф. Наито Масаноти, од Универзитетот „Дошиша“, за АА истакна дека фрегатата е испратена пред 130 години со цел да се развие пријателството меѓу Османлиите и Јапонија.
„Желбите на селаните на Кушимото, кои се обидоа да ги спасат ранетите во несреќата, ја формираа основата на турско-јапонските пријателски односи, кои продолжија до денес и станаа посилни“, рече Наито Масаноти.
Проф. Нобуо Мисава од Универзитетот „Тојо“, исто така, рече: „Точка на воспоставување на јапонско-турските односи е настанот Ертугрул.“
„Наместо измислени бајки или филмови, вистинското пријателство на земјите треба да се пренесува од генерација на генерација. Истражувачите од двете земји треба повеќе да се фокусираат на ова прашање“, додаде Мисава.
- Солидарноста на фрегатата „Ертугрул“ се манифестира во тешки времиња -
Останаа во паметење помошта на селаните од островот за да ги спасат преживеаните османлиски морнари и кампањите за помош на јапонските власти.
Речиси еден век по потонувањето на фрегатата „Ертугрул“, „Туркиш ерлајнс“ (THY) превезе во Јапонија многу јапонски граѓани, кои беа заробени во Техеран во ирачко-иранската војна во 1985 година. Исто така и овој настан се памети како клучна точка во турско-јапонските односи.
Дипломатската основа на односите помеѓу Турција и Јапонија е поставена во 1924 година, но овие два случаја во историјата претставуваат заемна емоционална пресвртница во односите меѓу двете земји.
news_share_descriptionsubscription_contact


