Jomaa Younis ,Mehmet Nuri Uçar
17 Октомври 2025•Ажурирај: 18 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Хамас објави дека враќањето на телата на заробените Израелци се одложува поради одбивањето на Израел да дозволи во областа да се внесе опрема, известува Анадолу.
Во писменото соопштение Хамас наведува:
„Некои тела на заробените Израелци се затрупани во тунелите и под урнатините на зградите уништени од израелското бомбардирање. Задоцнувањето се должи на одбивањето на Израел да дозволи во Газа да се внесе опрема за спасување.“
Хамас вели дека ги вратиле сите тела што можеле да ги најдат, но сè уште не им се достапни потребната опрема и уредите за ексхумација на преостанатите.
„Нагласуваме дека израелската Влада е целосно одговорна за ова доцнење“, соопшти Хамас.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касим, ги критикуваше двојните стандарди, наведувајќи дека загриженоста што меѓународната заедница ја покажала за телата на неколкумина израелски војници не ја покажала и за телата на десетици илјади Палестинци заробени под урнатините во Газа.
Министерството за здравство на Газа објави дека досега од Израел ги добило телата на 120 Палестинци, но тие биле доставени без идентификација и дека била направена со примитивни методи.
Екипите сè уште не можат да пристапат до стотици тела затоа што ја немаат потребната опрема.
Се наведува дека Израел во голема мера ги уништил инфраструктурата и спасувачките возила во двегодишните напади врз Појасот Газа.
Хамас ја обвинува Владата на Нетанјаху за доцнењето на договорот, затворањето на граничниот премин Рафа и ограничениот протокот на хуманитарна помош.
Според Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа, откако стапи на сила прекинот на огнот, Израел дозволил да влезат само 653 камиони со помош. Договорот предвидува во Газа дневно да пристигнуваат 600 камиони со помош, вклучително гориво и храна.
Откако Израел ги започна нападите на 8 октомври 2023 година убиени се 67.967 Палестинци, повеќето деца и жени, а 170.179 се повредени.