Hakan Çopur
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Со победа и на прелиминарното внатрепартиско гласање во Демократската партија во Пуерто Рико, поранешната американска државна секретарка, Хилари Клинтон, ја загарантира номинацијата за претседателски кандидат на таа политичка опција на ноемвриските претседателски избори во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
На изборите одржани во вчера во Пуерто Рико, Клинтон освои 68 нови гласови од делегатите за номинација за претседателски кандидат од Демократската партија.
Поранешната шефица на американската дипломатија, Клинтон, во досегашниот тек на кампањата освои 1.812 делегати, но извесно е дека на финалната конвенција ќе добие поддршка и од дополнителни 572 делегати.
Така, Клинтон собра 2.384 делегатски гласови, еден повеќе од потребните 2.383 гласови неопходни за номинација.
„Ова е единствен историски час, но пред нас имаме многу работа”, изјави Клинтон која најверојатно ќе стане првата жена номинирана за претседателски кандидат во 240-годишната политичка историја на САД.
Во продолжение на предизборната процедура во Демократската партија, утре ќе бидат одржани избори во сојузните држави Калифорнија, Монтана, Њу Џерси, Њу Мексико, Северна Дакота и Јужна Дакота, а изборите во Вашингтон ќе бидат одржани на 14-ти јуни.
Од друга страна, номинацијата за претседателски кандидат од редот на Републиканските партии ја загарантира Доналд Трамп, кој од 26-ти мај собра 1.237 делегатски гласови, а потоа сите негови опоненти се повлекоа од трката.
Меѓутоа, претседателските кандидатури од редот на двете американски партии ќе бидат потврдени на партиските конвенции кои ќе бидат одржани во јули. Демократите ќе се состанат во периодот од 25-ти до 28-ми јули во Филаделфија, а конвенцијата на Републиканската партија ќе биде одржана од 18-ти до 21-ви јули во Кливленд.