Şerife Çetin,Nazlı Yüzbaşıoğlu
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
БИШКЕК/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека терористичката организација ФЕТО не претставува опасност само за Турција, туку и за Киргистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу се состана со министерот за надворешни работи на Киргистан, Руслан Казакбаев, по што следуваа состаноци на делегациите и заедничка прес-конференција.
Турскиот министер во таа пригода изјави дека со колегата се осврнал на билатералните односи и додаде дека Универзитетот „Манас“ е симбол за братството на двете земји.
Тој додаде дека без разлика дали станува збор за образование, или за некој друг сектор, нема потреба од терористички организации, меѓу кои е и ФЕТО.
„ФЕТО не е опасност само за нас, туку и за Киргистан“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека на тој факт укажувале неколкупати.
„Се надевам дека во потполност ќе се ослободиме од ваквите терористички организации и криминални мрежи“, изјави Чавушоглу.
Истакна дека ја јакнат соработката на двете земји и во областите образование и наука.
Најави и дека Фондацијата „Маариф“ во Киргистан ќе отвори образовни институции, од претшколски установи до гимназии, кои ќе нудат многу квалитетно образование.
„Училиштето „Маариф“ ќе биде прво училиште на Фондацијата „Маариф“ во Средна Азија. Тоа е показател на важноста која ја придаваме на Киргистан“, изјави Чавушоглу.