Bayram Altuğ
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Женева порача дека повеќедецениските преговори во врска со Кипар, без конкретни резултати, не биле во интерес ниту на една од страните, и изјави дека е неопходна една од шесте теми од преговорите, таа за безбедност и гаранција, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународната конференција за Кипар започна денес, во Женева, во рамките на преговорите за кипарското прашање со цел да се најде трајно решение по предлогот за обединување на двата дела на островот, започнати на 15 мај 2015 година.
Министерот Чавушоглу, кој присуствува на конференцијата, во своето обраќање изјави дека Турција од почетокот на преговорите одлучно ја поддржува Мисијата на добра волја на ОН во Кипар, за наоѓање праведно, одржливо и сеопфатно решение.
„Решавањето на ова прашање под услов да се воспостави политичка еднаквост на турската и кипарската страна, и обезбедување легитимни права и безбедност, и понатаму е еден од приоритетите на надворешната политика“, изјави Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија порача дека темата безбедност и гаранција е неопходна, и таа е една од темелните столбови за безбедноста и стабилноста на островот.
Конференцијата во ОН во Женева ја отвори генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. На историската конференција присуствуваат Мустафа Акинџи, претседателот на Република Северен Кипар, Никос Анастасијадис, лидерот на Јужен Кипар, и во име на земјите-гаранти, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и неговите колеги од Грција, Никос Коцијас и од Велика Британија, Борис Џонсон.
Претставници од Европската Унија (ЕУ), која на конференцијата има статус на специјален набљудувач, се претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Главна тема на конференцијата е една од шесте основни точки на кипарското прашање, „безбедност и гаранција“.
Меѓународната конференција може да има клучна улога во одредувањето на судбината на островот чии лидери се состануваат веќе третпат во три месеци, во Швајцарија.
Кипарското прашање се состои од шест основни точки: економија, Европска Унија (ЕУ), имот, поделба на надлежноста и администрација, територијална поделба и безбедност и гаранција.