Onur Usta
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
ПАРИЗ (АА) - Онур Уста - Францускиот новинар Жан Доминик Мерше изјави: „Единствената причина зошто не се дискутира за членството на Турција во ЕУ е затоа што таа е муслиманска земја. Затоа Европјаните, особено Французите не ја сакаат Турција во ЕУ“.
Новинарот Мерше од весникот „Л’Опинион“, зборуваше со дописникот на АА во Франција во врска со периодот за членство на Турција во ЕУ, предрасудите и борбата против тероризмот.
Мерше истакна дека Фрацнија има одредени предрасуди поврзани со муслиманското население на Турција. „Единствена причина зошто не се дискутира за членството на Турција е затоа што таа е муслиманска земја. Затоа Европјаните, особено Французите не ја сакаат Турција во ЕУ. Кои и да се аргументите за одбивањето, единствената причина е тоа што Турција е голема муслиманска земја. Доколку речете дека Турција би можела да биде дел од системот на ЕУ, тогаш би можеле да бидете обвинети за соработка со непријателот. Неприфатливо е тоа што оваа тема е доведена до ниво на табу“, вели новинарот Мерше.
- „Жално е тоа што не се дискутира за членството на Турција во ЕУ“ -
Мерше вели дека е жално тоа што во Франција повеќе не се дискутира на темата за процесот на пристапување на Турција во ЕУ.
„Оваа тема е многу стара приказна. За жал, членството на Турција повеќе не се дискутира во Франција. Пред неколку години во земјата беа претставени неколку аргументи по кои се прашувавме дали тоа е добра идеја. На пример, поранешниот претседател Жак Ширак и поранешниот премиер Мишел Рокар беа блиски до идејата за членството на Турција. Имаше аргументи кои беа за и против. Жал ми е што денеска е невозможно во Франција да спроведете дискусија во врска со тоа“, додава тој.
- „Од политички аспект, Турција е сама во борбата против тероризмот“ -
Мерше истакна дека од политички аспект, на меѓународната арена Турција е оставена сама да се бори против тероризмот. „Европа и САД ги споделуваат своите разузнавачки информации со Турција, но турското општество и раководство на оваа тема се чувствуваат осамени. Меѓународната заедница може да каже дека од технички аспект дава поддршка во борбата против тероризмот, но од политички аспект, Турција е изолирана“, изјави Мерше.
Францускиот новинар Мерше истакна дека Турција е во директна борба, особено со три терористички организации. Првата од нив е ДЕАШ, која е активна и во Европа. Како второ се терористичките групи како ПКК и третата терористичка закана е групата на Фетула Ѓулен, која меѓународното општество не сака да ја признае.
Мерше рече дека земјите имаат различни гледишта кога станува збор за борбата против тероризмот:
„Идејата за вооружените групи во Сирија и во Ирак е малку хаотична. Групата што од една земја е прогласена за терористичка, од друга земја не е. Обединетите нации никогаш не се усогласија околу заедничкото гледиште при прогласувањето на терористичките организации. Сѐ додека ситуацијата е ваква, тешко е во светот да се има заеднички став по ова прашање“.
Мерше вели дека ПКК се наоѓа меѓу терористичките организации: „На листата на терористички организации на ЕУ и САД, на која се наоѓаат некои организации поврзани со Ал Каеда, се наоѓа и ПКК. САД предизвикуваат контроверзност поради нивната поддршка на некои курдски групи во Сирија кои се поврзани со ПКК. САД, кои ПКК го окарактеризираа како терористичка организација, застанаа покрај друга група којашто е поврзана со ПКК. Перцепцијата на тероризмот од страна на земјите со време се менува“.
- „Европа недоволно им излегува во пресрет на бегалците“ -
Новинарот Мерше истакна дека Турција им дава голема хуманитарна помош на бегалците, кои бегајќи од граѓанската војна во Сирија, најдоа засолниште во Турција.
„И покрај малите можности, земјите како Турција и Либија прифатија многу повеќе бегалци отколку европските земји. Турција е особено ценета на полето на хуманитарната помош. За жал, Европа недоволно им излегува во пресрет на бегалците. Наместо тоа, создава нови бариери. Кај голем број европски земји не постои желба за исполнување на обврските кон бегалците“, истакна новинарот Мерше од францускиот весник „Л’Опинион“.