Servet Günerigök
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, повторно ја изрази загриженоста на Анкара поради можниот бегалски бран од сирискиот град Идлиб, додавајќи дека неговата земја би била најтешко погодена, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на состанокот во седиштето на ОН во Њујорк, каде што се одржува 74. заседание на Генералното собрание на ОН, Чавушоглу истакна дека е потребно да се посвети многу поголемо влијание на проблемите во Идлиб.
„Погледнете го Идлиб. Пред нашите очи се случува катастрофа“, предупреди Чавушоглу.
„Турција ќе биде најтешко погодена доколку се влоши сегашната хуманитарна криза. Популацијата на Идлиб речиси е еднаква на бројот на Сиријци во Турција. Не можеме да се носиме со нов бран мигранти“, додаде тој.
Тој истакна дека во Турција планираат да одржат меѓународна конференција со Либан, Јордан и Ирак, на која ќе се разговара за враќањето на Сиријците.
„Се надеваме дека Европската Унија ќе биде дел од тоа. Ќе ги повикаме и УНХЦР, како и останатите релевантни земји и меѓународни актери“, изјави Чавушоглу.