Betül Yürük
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Пакистанскиот премиер, Имран Кан, изрази благодарност до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, поради тоа што во своето обраќање на 74. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк го сврте вниманието и на проблемите во Кашмир, јавува Anadolu Agency (AA).
„Навистина многу сум му благодарен на Ердоган што во обраќањето во ОН го спомена и проблемот на Кашмир. Претседателот на Турција наредниот месец ќе го посети Пакистан“, изјави Кан во обраќање на новинарите во Њујорк.
Тој истакна дека Пакистан има одлични односи со Турција, додавајќи дека имаат намера додатно да ја зголемат и трговската соработка.
„Благодарни сме на претседателот на Турција за неговиот принципиелен став за прашањето за Кашмир“, додаде тој.
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година, кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без решавање на статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, која по повлекувањето на Британците бараше тој регион да се припои на Пакистан. Тогашниот кнез сепак одлучи Кашмир да го припои кон Индија.
Така, Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во прва војна за Кашмир. Поради истиот повод двете земји војуваа повторно во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35, а Кина 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствена доминантна муслиманска покраина во Индија.
Пакистан, на делот на Кашмир кој е под негова контрола му даде статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на ОН со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши по волјата на тамошниот народ и тој регион да се демилитаризира. Такво сценарио заговара и Пакистан, но не и Индија.