Zuhal Demirci
10 Септември 2020•Ажурирај: 11 Септември 2020
БАМАКО / АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, по воениот пуч во Мали, рече дека Турција секогаш ќе биде со народот на Мали кога станува збор за воспоставување уставен поредок, пренесува Агенција Анадолија (AA).
По состанокот со членовите на Националниот фронт за ослободување на народот (CNSP), Чавушоглу нагласи дека Мали е пријателска и братска земја и дека во тешки денови тие секогаш се покрај народот на Мали.
Во текот на посетата на Мали, Чавушоглу се состана со лидерот на Националниот фронт за ослободување на народот Аисим Гоит и членовите.

Тој потсети дека претходно се состанал со челникот на Мировните сили на Обединетите нации во Мали (МИНУСМА), Махамат Салех Анадиф и со Пјер Бујој, високиот претставник на Африканската унија за Мали.
Напомена дека разговарале за тоа какви чекори можат да преземат во Мали во наредниот период.
„Желба ни е Мали да го заврши процесот на транзиција. Преземањето на неопходните чекори за воспоставување уставен поредок и што поскоро одржување демократски избори е важно за иднината на Мали“, рече Чавушоглу.
Како што изјави, по Мали, ќе престојува во официјални посети и во Гвинеја-Бисао и во Сенегал, каде, меѓу другото, ќе се разговара за моменталната состојба и иднината на Мали.