Ekip
10 Септември 2020•Ажурирај: 11 Септември 2020
РАБАТ / МАРОКО
Марокански експерт денеска изјави дека водачот на нелегитимните сили во Либија, Калифа Хафтар, е главна пречка за постигнување на либиски договор, бидејќи тој сѐ уште се држи до воени решенија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Најголемата пречка да се постигне политички договор во либискиот дијалог во Мароко е Хафтар и неговите поддржувачи кои инсистираат на воено решение“, изјави Салман Бунаман, експерт за политички науки на Универзитетот „Сиди Мохамед бен Абдела“.
Во неделата, во мароканскиот град Бузника започнаа либиските неофицијални разговори за консултации меѓу делегациите што го претставуваат Високиот државен совет на Либија и Парламентот со седиште во Тобрук.
„Постојат обиди да се попречат мароканските напори да се постигне договорено решение меѓу либиските ривали“, рече Бунаман.
„Постојат земји коишто не сакаат да постигнат договор бидејќи бараат продолжување на либиската криза во корист на Хафтар“, додаде тој.
„Мароко ужива почит од либиските партии и меѓународно е прифатен како неутрален посредник во либиската криза“, истакна експертот.
Во вторникот, двете партии - Високиот државен совет на Либија и Парламентот на Тобрук - објавија постигнување на разбирање во тековниот дијалог во Мароко за прашања поврзани со борбата против корупцијата и ставање крај на поделбата во либиските јавни институции.
И покрај овие достигнувања, либиската армија во саботата соопшти дека милитантите на Хафтар по четврти пат го прекршиле примирјето во градот Сирт, бомбардирајќи го градот со ракети.
По неодамнешните придобивки на либиската армија против Хафтар, во тек се дипломатски напори за продолжување на политичкиот процес во земјата.