Aldıjana Hadzıc
30 Октомври 2016•Ажурирај: 31 Октомври 2016
ПРАГА (АА) - Еден од најпосетените чешки градови, после Прага, е градот Чески Крумлов, кој на посетителите им нуди враќање наназад во времето на Средниот век, јавува Anadolu Agency (AA).
Градот сместен на реката В'лтава, е изграден околу замок од 13. век, со готски, ренесансни и барокни елементи. Повеќето градби се изградени од 14. до 17. век, а како најзначајни градби треба да се издвојат театарот, барокната опера, готската црква на Свети Витус, а во близина на градот се наоѓа и манастирот „Злата Коруна“.
Подрачјето околу замокот се смета за едно од најголемите од ваков вид во централна Европа. Старите куќи, улиците, кулите и замокот се едни од основните елементи на фотографиите на голем број туристи. Стариот дел на градот во 1992 година е внесен во листата на УНЕСКО за места со светско наследство во Европа.
Замокот во 13. век е изграден на свиокот на реката В'лтава во облик на потковица, и се наоѓа на стратешки важно место, односно покрај трговски пат. Тој во 1989 година е прогласен за национален споменик.
Во градот се родени припадници на бројни благороднички и владејачки семејства. Улиците на градот ќе ги препознаат и љубителите на филмот „Илузионист“ ("The Illusionist"), снимен во 2006 година.