Mohammad Sıo
31 Октомври 2024•Ажурирај: 01 Ноември 2024
ГАЗА (АА) - Израелската Армија рано утринава ја гранатираше болницата „Камал Адван“ во северниот дел на Газа, при што беа повредени четири медицински лица, соопшти Министерството за здравство во палестинската енклава, јавува Анадолу.
Гранатиран е третиот кат од болницата и причинета е голема материјална штета.
Во тој дел од болницата биле сместени лекови и медицинска опрема, соопшти Министерството.
Директорот на болницата д-р Хосам Абу Сафија рече дека четири медицински лица се здобиле со изгореници од израелскиот напад.
„Нападот предизвика пожар во просториите каде што се сместени ранетите луѓе и медицинските материјали. Бевме принудени да ги оставиме пациентите да умрат бидејќи моравме да ги прекинеме операциите“, рече Абу Сафија, нарекувајќи ја ситуацијата во болницата катастрофална.
Израелската Армија се повлече од болницата во саботата по интензивната рација што започна во петокот, предизвикувајќи голем број жртви меѓу палестинските цивили и уништување.
Според Абу Сафија, стотици пациенти, медицински персонал и раселени лица биле задржани во болницата за време на израелската рација, при што и тој бил приведен и испрашуван од Армијата.
Израелската Армија продолжи со смртоносниот напад врз северниот дел на Газа од 5 октомври, наводно за да го спречи Хамас да се прегрупира среде опсадата на областа.
Палестинците го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Оттогаш, израелската Армија не дозволи хуманитарна помош, вклучувајќи храна, лекови и гориво, да влезе во областа, оставајќи го најголемиот дел од населението таму на работ на неизбежен глад.
Според палестинската служба за цивилна одбрана, од почетокот на офанзивата се убиени повеќе од 1.000 луѓе во северниот дел на Газа.
Нападот беше последната епизода во бруталната израелска војна на Појасот Газа по нападот на Хамас во октомври минатата година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Оттогаш се убиени над 43.100 луѓе, главно жени и деца, а над 101.500 се повредени, според локалните здравствени власти.
Израелските напади го раселија речиси целото население на територијата, а тековната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.