Atila Altuntaş
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
СТОКХОЛМ (АА) - Шведска ќе ја депортира 78-годишната Фозиех Динар, мигрантка од Иран која е парализирана и боледува од деменција, и покрај тоа што лекарите не дозволија да патува со авион, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ќерката на Фозиех Динар, Баха Динар, во изјава за весникот „Афтонбладет“ (Aftonbladet) истакна дека нејзината мајка пред 4 години се парализирала и заболела од деменција, и дека лекарите дале извештај оти таа не може да патува со авион.
„Ниту една авиокомпанија не сака да ѝ продаде карта на мајка ми поради лекарскиот извештај. Затоа не можевме да купиме авионска карта. Тоа го пријавивме во Дирекцијата за мигранти, од каде што ни рекоа дека одлуката за депортација е конечна, и побараа мајка ми со воз да патува во Иран. Како може мојата мајка да патува со воз до Иран?“, рече Динар, додавајќи дека нејзината мајка не е во состојба да патува.
Таа нагласи дека во Иран живее само нејзиниот 86-годишен татко кој е два пати опериран. „Дирекцијата за мигранти мојата мајка директно ја носи во смрт“, рече таа.
Динар истакна дека со документи докажала во Дирекцијата за мигранти оти нема кој да се грижи за нејзината мајка во Иран, и дека очекува да се укине оваа одлука за депортација.