Melike Pala
12 Мај 2026•Ажурирај: 12 Мај 2026
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е главната причина зошто земјите сојузнички почнале да издвојуваат многу повеќе пари за одбраната, велејќи дека е оптимист за иднината на Алијансата поради начинот на работа на Трамп, јавува Анадолу.
„Јасно гледаме дека Европејците ја прифатија пораката на американскиот претседател и преземаат чекори кога станува збор за клучното прашање за иднината на НАТО. Јас сум оптимист, а особено сум оптимист поради претседателот Трамп“, изјави Руте за време на заедничката прес-конференција со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во Подгорица.
Руте истакна дека сите сојузници во НАТО сега го исполнуваат критериумот на Алијансата за трошење 2 % од БДП за одбрана, вклучително и поголемите економии, како Канада, Шпанија, Белгија и Италија, кои претходно не го достигнуваа овој праг.
„И мислам дека повторното избирање на претседателот Трамп одигра голема улога тука“, рече тој.
Руте, исто така, ја истакна одлуката на Алијансата од самитот во Хаг за постепено зголемување на издвојувањата за одбрана до 5 % од БДП, од кои 3,5 % би биле наменети исклучиво за основните воени потреби.
Тој вели дека Трамп со години се борел за ова и сега конечно ја извојувал таа победа.
Додаде дека зголемувањето на трошоците е неопходно не само за порамноправна поделба на финансискиот товар со САД, туку и за успешно справување со сè поголемите закани од страна на Русија.