Ekipa
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
ОВИЕДО (АА) - Шпанската министерка за одбрана, Маргарита Роблес, денеска изјави дека Шпанија никогаш не размислувала за испраќање војници во Украина во услови на зголемените тензии со Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Иако Шпанија неодамна распореди воени бродови во мисиите на НАТО во Црното Море и понуди да испрати борбени авиони во Бугарија, Роблес за шпанската телевизија „Онда Серо“ изјави дека земјата не планира шпанските војници да се борат на украинско тло.
„Членот 5 на НАТО наложува дека кога ќе дојде до агресија на сојузничка земја, сите останати мора да одговорат. Но Украина не припаѓа на Сојузот“, рече Роблес.
Роблес нагласи дека Шпанија е вклучена исклучиво во постојаните мисии на НАТО кои се неофанзивни и се фокусирани на одвраќање на судирите и одржување на мирот.
Шпанската министерка порача дека Русија нема право да ѝ кажува на Украина што да прави. Истакна дека во светот во моментот се водат најмалку 34 војни и дека мора да се работи на изградба на глобален мир.
„Кога се во прашање генеричките дискурси како оној што гласи кажи не на војната, се разбира сите се согласуваме, но подоцна мора да се соочите со острата реалност на војната и она што морате да го направите е да работите за мир“, додаде Роблес.
Неодамнешните чекори на Шпанија за забрзување на распоредувањето во мисиите на НАТО околу Украина предизвикаа тензии во внатрешноста на коалициската влада. Членовите на помладиот коалициски партнер Унидас Подемос јавно го критикуваа забрзаното учество на Шпанија во мисиите на НАТО и зголемената воинственост против Русија.
Шпанија е дел од НАТО веќе 40 години, а во јуни Мадрид ќе биде домаќин на наредниот самит на Алијансата.