Ekipa
21 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
ОВИЕДО (АА) - Шпанската полиција соопшти дека денес спасила 105 мигранти што пловеле во морето во мал чамец помеѓу Канарските Острови и западниот африкански брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мигрантите пловеле по морето повеќе од две недели, но сè уште биле 440 милји оддалечени од шпанските Канарски Острови и 160 милји далеку од Нуадибу, Мавританија.
Кога шпанската полиција пристигнала, многу луѓе не можеле да одат поради исцрпеност и дехидратација.
Беа потребни три дена за да стигнат до Шпанија со спасувачкиот брод и повеќето можеа да закрепнат додека пристигнаа на шпанскиот остров Тенерифе. Три лица сепак мораше да бидат згрижени во локалната болница.
Полицијата соопшти дека сите што биле на малиот чамец направен во домашни услови се мажи и се од Супсахарска Африка.
Според Министерството за внатрешни работи, досега оваа година околу 21.000 мигранти успешно го завршиле ризичното патување низ Атлантикот за да стигнат до Канарските Острови.
Тоа се само 4,8 проценти помалку мигранти од истиот период во 2020 година. Сепак, оваа година, рутата одзеде повеќе животи од кога било претходно.
Потврден е рекорден број од 937 мигранти што починаа на рутата оваа година, но феноменот на „невидливи бродоломи“ може да предизвика уште стотици смртни случаи, според Меѓународната организација за миграција (IOM).
Организацијата „Каминандо фронтерас“(Caminando Fronteras) процени дека 2.087 лица загинале во првата половина на 2021 година, а речиси иста бројка на луѓе се смета дека загинале во текот на целата 2020 година.
Оваа година, рутата до Канарските Острови беше место на околу една третина од вкупно потврдените 2.720 смртни случаи на миграциските рути кон и во Европа. Тоа исто така претставува повеќе од една петтина од 4.470 смртни случаи на мигранти што Меѓународната организација за миграција ги потврди досега оваа година низ целиот свет.
„Огромните трагедии што ги вклучуваат миграциите сè повеќе се нормализираат“, соопшти организацијата, повикувајќи ги земјите да направат повеќе за да го намалат ризикот на луѓето што се присилени да преземат миграциски патувања.