Barış Seçkin
31 Март 2021•Ажурирај: 01 Април 2021
РИМ
Во Италија еден офицер одговорен за италијанската морнарица бил приведен поради откривање некои тајни информации на Русија во замена за пари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Италијанските медиуми објавија дека во рамките на истрагата што ја спроведувала Римското јавно обвинителство, по техничкиот надзор на италијанската тајна служба и италијанската жандармерија, синоќа спроведена е операција во која се приведени еден италијански офицер и воено лице на должност во Амбасадата на Русија во Рим за време на нивната тајна средба.
Во веста се вели дека италијанскиот офицер бил фатен на дело додека му пренесувал некои тајни документи и информации на рускиот воен службеник во замена за пари. Според италијанските медиуми, и двете лица се соочуваат со обвиненија поврзани со шпионажа и загрозување на државната безбедност.
Во објавените вести се забележува дека приведен е италијанскиот офицер, кој служел и како командант на брод во италијанската морнарица, а прегледан е дипломатскиот статус на рускиот воен службеник.
По ваквиот развој на настаните, италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека потсекретарот на Министерството, Елизабета Белони, го повикала во Министерството рускиот амбасадор во Рим, Сергеј Разов.
Италијанските медиуми објавија дека споменатиот настан е најсериозниот инцидент во односите по Студената војна досега.
- Италија протерува двајца руски дипломати осомничени за шпионажа
Министерот за надворешни работи на Италија, Луиџи ди Мајо, денес соопшти дека ќе протера двајца руски дипломати кои се товарат за шпионажа.
Откако во италијанското Министерство за надворешни работи на Италија поради скандалот беше повикан на разговор рускиот амбасадор во Рим, Сергеј Разов, шефот на италијанската дипломатија, Ди Мајо, на Фејсбук и Твитер соопшти дека е донесена одлука за протерување на двајца руски дипломати вмешани во тој скандал.
Истакнувајќи дека на рускиот амбасадор му е пренесен остар протест на Владата на Италија, Ди Мајо се заблагодари на италијанските службеници и институции кои учествуваа во откривањето на скандалот.