Ekipa
17 Јуни 2019•Ажурирај: 19 Јуни 2019
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Здравствениот сектор низ неколку сојузни држави во Индија е ослабнат, откако денес докторите организираа штрајк за да бараат поголема безбедност и подобри услови на работните места, јавува Anadolu Agency (AA).
Индиското медицинско здружение одлучи да повлече одредени здравствени услуги на еден ден, за да изрази солидарност со своите колеги во индиската сојузна држава Западен Бенгал, кои протестираат за нападот врз двајца доктори од страна на семејство на починат пациент.
Докторите, исто така, организираа протест во главниот индиски град, Њу Делхи. Тие ги бојкотираа амбулантските услуги, рутинските операции и одделните посети за 24 часа, почнувајќи од утринава.
Во меѓувреме, здравствените услуги во Западен Бенгал и понатаму се погодени од ваквата ситуација, веќе седми ден по ред. Главнaта министерка на Западен Бенгал, Мамата Банерџи, се согласи да се состане со претставниците на лекарите кои протестираат и да ги слушне нивните поплаки.
Врховниот суд утре, исто така, ќе ја сослуша молбата за барање подобра безбедност и услови на лекарите во државните болници низ целата земја.
Минатата недела, двајца доктори беа нападнати во болницата во Колката, главниот град на Западен Бенгал, од страна на членовите на семејството на еден пациент.