Ekip?
02 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
ТОКИО (АА) - Јапонскиот цар Акихито, кој во август минатата година најави дека ќе абдицира поради нарушеното здравје, денес се обрати пред илјадниците луѓе кои дојдоа за да го поздрават по повод новогодишното обраќање и изрази надеж дека луѓето оваа година ќе водат мирен и духовно богат живот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се надевам дека оваа година луѓето ќе водат мирен и духовно богат живот. Се молам за мир и среќа на јапонскиот народ и на целиот свет“, порача јапонскиот цар од балконот на својата резиденција, од каде што ја поздрави нацијата заедно со сопругата Мичико и другите членови на семејството.
Јапонскиот цар на 23 декември го прослави 83. роденден и тогаш му се заблагодари на својот народ за разбирањето и поддршката за неговата претходно изразена желба да се повлече од тронот.
Тогаш, исто така, тој му се обрати на јапонскиот народ од балконот на империјалната палата, а на тој настан присуствуваа 33.000 лица.
Осумдесет и тригодишниот јапонскиот цар Акихито во август, во ретко обраќање до нацијата покажа подготвеност да се повлече од престолот, а медиумите пренесоа дека јапонскиот цар со тоа обраќање ја изразил желбата да абдицира.
Царот Акихито претходно порача дека сака да му го препушти престолот на својот најстар син, 56-годишниот Нарухит, кој веќе извршува некои од неговите должности.
„Кога ќе земам предвид дека мојата физичка подготвеност постепено опаѓа, загрижен сум дека ќе ми стане тешко како досега, со сета сила да ја извршувам должноста како симбол на државата“, изјави јапонскиот цар во обраќањето до нацијата.
Новинската агенција Кјодо наведе дека царот ги пренел своите мисли како поединец и не мислел да го коментира моменталниот империјален систем поради својата позиција.
Абдицијата на царот не е опфатена со јапонското законодавство, а за властите во Токио да го дозволат тоа, би била потребна промена на законот.
Премиерот на Јапонија во септември основа советодавен панел којшто ќе ја преиспита оправданоста на абдицијата и начинот на кој би можел да се намали товарот на царот.
Шестчлениот панел по тоа прашање ќе создаде извештај наредниот месец, а следниот нивен состанок е закажан за 11 јануари.
Јапонскиот цар Акихито е 125. Носител на таа титула, според традиционалниот наследен ред. Се смета за единствен владејачки цар на светот.
Тој оваа година имаше 250 јавни средби и 75 патувања во и надвор од земјата.
Кон крајот на минатата година, јапонскиот цар поради настинка ја откажа годишната средба со премиерот Абе.