Jeyhun Aliyev
10 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
АДЕН (АА) - Педесет лица починаа како резултат на вирусот чикунгуња (треска чикунгуња) во привремениот главен град на Јемен, Аден, истакна владин претставник доцна синоќа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Владиниот претставник, кој говореше за АА под услов на анонимност, изјави дека заразени се над 3.000 луѓе.
Изворот истакна дека гувернерот на округот Шеик Отман во Аден, јужен Јемен, е меѓу починатите од вирусот чикунгуња.
Се верува дека болеста настанала поради мочуришните делови кои се создадоа од поплавите што ја зафатија земјата на 21 април.
Во поплавите предизвикани од поројните дождови во Аден починаа осум лица, меѓу кои пет деца, а куќите беа делумно или целосно уништени.
Јеменската Влада го прогласи привремениот главен град за зона на катастрофа.
Од обилните дождови и поплавите што го зафатија Јемен од средината на април беа погодени околу 150.000 луѓе, изјави на 1 мај Јенс Ларк, портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарната помош на ОН (OCHA).
Треската чикунгуња е вирусно заболување кое се шири со каснување од заразени комарци. Болеста обично трае од пет до седум дена и предизвикува силни и честопати ненадминливи болки во зглобовите, кои понекогаш траат многу подолг период.